Бајрами по извештајот за пожарот во тетовската болница: Не е безбедно да се живее во државава

Премиере, вие не имате ставено да се возиме во една кола која има само педала за гас. Ако ни излезе некоја препрека, нема како да закочиме и ќе удриме во неа. Ако загинеме, ќе излезете на ТВ и ќе кажете дека сме починале оти не сме закочиле, а нема да кажете дека сте ни дале кола без сопирачки, реагира градежниот инжинер Неџат Бајрами, пренесува Фокус

Тој посочува дека после последните случувања и, како што вели, паушалните и неиздржани изјави од страна на Заев, смета дека веќе не е безбедно да се живее во државата.

–Додека државата гради јавни објекти без проект, без запазување на било какви процедури, без било какви мерки за заштита од ризици (пожар, експлозија), без вградување на соодветни материјали, уреди и инсталација и нивно испитување, и така ги пушта градбите во употреба, ние веќе било каде може да загинеме, предупредува Бајрами.  

Прегревање на кабел предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат – ова е официјалната верзија за избивање на пожарот во тетовската модуларна болница пред еден месец, во кој загинаа 14 луѓе. Впрочем, такви наводи се содржат во извештајот којшто го изготви Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи, кој веќе е доставен во Основното јавно обвинителство Тетово, коешто ја води истрагата. 

Експертите го проблематизираат ваквиот начин на гледање на работите, бидејќи, како што велат тие, потенцијалната одговорност не се однесува само за причините за предизвикувањето на пожарот, туку за непочитување на законските процедури при инсталирање на систем за превенција и заштита при вакви несреќи, пишува Фокус.