Багерите работат на Водно и покрај реакциите на екологистите и НВО

Расчистувањето на теренот за поставување на цевките на гасоводот по сртот на Водно продолжува. Од граѓанското здружение”Го сакам Водно” на нивната фејсбук страница објавија фотографии од кои се гледа дека багерите ангажирани од Македонски енергетски ресурси (МЕР) работат со полна пареа по сртот на Водно.

– Багерите работеле деновиве, по старото сценарио, кое години наназад добро се установи, во ек на летни одмори удри и гради против граѓанскиот став кој аргументирано бара градење НАДВОР од Водно!!! Порамнето, искршен сртот, БЕЗ официјална одлука на Влада!!! И не, да бидеме јасни, НЕ се како што рекоа МЕР и Кочо Анѓушев 10 метри и НЕ е по изменетата траса која ќе ја намалела штета, туку по старата!! Држава ли е ова или ШТО?! – прашуваат тие.

Оттаму нагласуваат дека листата на аргументи ПРОТИВ трасата на гасоводот да оди низ парк шума Водно е толку долга, да секој правен систем би го запрел процесот!!!

– Одобрение за градење издадено без одобрение на Град Скопје под чие владеење е парк шумата Водно!! Студии за оцена на влијанието на проектот врз животната средина кои не го разгледуваат посебно заштитеното подрачје на парк шума Водно!! Јавни расправи за кои јавноста не била известена и не била присутна!! Распишан тендер на МЕР за изградба на гасоводот, месеци пред да бидат воопшто овластени од Владата за изградба!! ….. – истакнуваат од “Го сакам Водно” и најавуваат прес конференција за утре во 11 часот пред бараките на Град Скопје.

Директорот на МЕР, Бајрам Реџепи во интервју за МИА изјави дека Владата одобрила да продолжи изградбата на трасата за гасоводот со мали корекции и мерки.