Багерите на терен: Ветениот паркинг ќе биде зграда во Реонски центар Аеродром

Багерите се вратија на последната слободна парцела меѓу зградите во Реонски центар Аеродром. По осум месеци стопирање, продолжи изградбата на зградата што требаше да биде паркинг.

Во март годинава кога беше оградено градилиштето, жителите од околните згради побараа градежните активности да сопрат и да се најде начин да не се гради зграда на локацијата, туку да се изгради паркинг оти веќе има недостиг од паркинг-места во Реонскиот центар.

Инвеститор на зградата е Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, па жителите се надеваа дека Општината и државата ќе најдат заедничко решение да се заштити просторот. Тие уште во март рекоа дека токму сегашниот градоначалник Златко Марин во предизборната кампања им ветил дека нема да дозволи празниот простор да стане зграда, туку ќе се залага тој да се пренамени во паркинг. Од Општината сега велат дека градоначалникот не ветил такво нешто.

„Градоначалникот Златко Марин во ниту еден момент не ветил изградба на паркинг-простор на тоа место во Реонски центар Аеродром. Станува збор за земјиште во сопственост на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, кое е и инвеститор на посочената локација. Инаку, одобрението за градба е издадено во 2016 година“, изјавија од Општина Аеродром за „Макфакс“, но не одогворија зошто не нашле заедничко решение со Акционерското друштво просторот да се пренамени во паркинг.

Од Акционерското друштво не одговорија на прашањата зошто продолжуваат со градење по прекинот од осум месеци и зошто не ги послушале барањата на жителите просторот да се пренамени во паркинг.