Бадник 2019: Обзнанети новиот кум и здравичар

Првите и најзначајни личности на традиционалната 27 манифестација во пресрет на Божик, што скопјани со симпатии ја прифатија и здушно ја поддржуваат се избрани.

Кум е Љупче Николовски, а здравичар Миливое Алексиевски, познати личности и вљубеници во својот град. Првиот е бизнисмен, сопственик на фирмата „Белина“, која во 2019 година прославува 25 години постоење и успешна работа и посветен Вински витез, а вториот е резбар, потомок од познатата мијачка тајфа Мирчевци и тренер и инструктор по пливање. Им припаѓаат на различни генерации. Миле Сирма е држечки 85 годишник , кој се уште работи со длето и чекан, а два-три пати неделно е со скопјанчиња, кои ги учи на пливачката вештина. Љупче е млад пензионер, роден е во 1953 година, полека фирмата им ја препушта на синовите, но љубовта спрема македонското вино не го остава намира, ги знае сите тајни на винарството и се радува на успесите на винарите и на се поприсутните винарии, кои ја шират возбудливата приказна за нашето виногорје, за климата и македонските јадења тој е промотор на нашите напитоци од се поголемите винови насади.

Тоа е заедничка нишка што ги поврзува во една приказна што ќе им ја раскажеме на сограѓаните за Бадник и обајцата се врвот на две исконски македонски дисциплини (со јазикот на спортот) длаборезот и винарството. Од памтивек Македонија е позната по резбарењето во ореовина и по сортните вина на кои им се насладуваат многубројните туристи на се почестите патувања по винските патеки. Предани се кон семејствата и секој слободен момент го користат заедно со своите. Oбајцата имаат по два сина. Николовци се  во фирмата на татка си, а еден од синовите стариот резбар продолжува по патеката на татка си и дедото Нестор.

Ги сакаат и неизмерно ги почитуваат македонските традиции, а исто така и верата. Скопје за нив е иконата што не ја менуваат за ништо на светот и затоа скоро беспоговорно ја прифатија поканата за активно учество и сопствен придонес на традициите. Добредојдени се во семејството на Бадникарите!