Авторот Крис Картер на 7 и 8 мај во Скопје

Со промоција на два нови наслови, „Јас сум смрт“ и „Јавувачот“ како дел од серијалот Роберт Хантер, издавачката куќа „Сакам книги“ информира дека авторот Крис Картер ќе го посети Скопје, како дел од неговата турнеја.

- Неговите изданија досега во земјава се продадени во над 10 000 примероци за релативно краток период од околу две години, соопшти „Сакам книги“.

Крис Картер ќе се сретне со македонските читатели на 7 мај, со почеток од 12 часот во салата „Борис Трајковски“, во рамки на Саемот на книга, каде ќе потпишува примероци од неговите книги за читателите. 

Читателите ќе можат да се сретнат со Крис Картер и на 8 мај во „Синеплекс“ со почеток од 18:00 часот. Разговорот со Крис Картер ќе го води Јордан Коцевски, автор на психолошки трилери. Публиката ќе има можност да поставува директни прашања до авторот.

Крис Картер е роден во Бразил, а по завршувањето на средното образование заминал во САД, каде студира психологија со специјализација за криминално однесување. Како криминален психолог има работено неколку години, а потоа почнува со музичката кариера како професионален музичар. Пред неколку години се откажал од сето тоа за да стане писател. 

Од издавачката куќа „Сакам книги“ годинава најавуваат 15 нови наслови од различни жанрови, многу попусти, подароци, промоции и книжевни имиња на 35 издание на Саемот на книга. 

Најавуваат и промоција на четири нови романи од македонски автори, дел од едицијата „Наши, а светски“. Тоа се Далибор Трајков со неговиот нов трилер „Траги од минатото“, Оља Петрушевска-Томева со новиот роман, „Најслаткиот филџан кафе“, Саша Богдан со „Излез“ и Верица Митева со „Ја мразам мајка ми“. Сите домашни автори исто така ќе потпишуваат примероци и ќе се дружат со читателите на штандот на „Сакам книги“ на годинашниот Саем на книга.