Автомобилските налепници стигнаа на собраниска седница

Законот за возила, чие изменување и дополнување опфаќа воведување на црвени, жолти и зелени налепници на возилата, е на дневен ред на денешната 66. собраниска седница.

Од следната грејна сезона, кога се очекува ново загадување на воздухот, треба да се воведе еколошка налепница и еколошка категоризација на возилата. Дополнително, треба да се уреди субвенционирањето на возилата со електричен погон и со вграден уред за погон со ТНГ.

„Со овој закон се воведува еколошка категоризација на возилата и во зависност од годината на производство и европските Еуро емисиони стандарди на нивните мотори се добива еколошка налепница во три бои (зелена, жолта и црвена) за секое возило кое е во сообраќај на патиштата“, се образложува во законските измени.

Во зависност од степенот на загадување, возилата со одредена боја на налепница нема да можат да сообраќаат. Претходно на комисиска расправа оваа мерка бепе критикувана дека ќе биде на товар на граѓаните.

„Доколку на пример одредено возило дојде на технички преглед со издадена зелена налепница врз основа на еуростандардите, а емисијата на издувните гасови измерена на апаратите за техничкиот преглед е поголема ќе доведе до спротивставеност на ставовите помеѓу контролорите на техничкиот преглед и техничката служба која ја издала налепницата. Негативно беше оценета еколошката категоризација на возилата преку доделување на налепници во боја бидејќи е во спротивност со веќе утврдените параметри на возилото и ќе предизвика дополнителни трошоци за граѓаните“, беше истакнато на Комисијата.