Автомобилскиот сектор во пандемиски рикверц, Порше Македонија е најголем губитник

Ударот на кризата врз автомобилската индустрија е повеќекратен. Најпрво започна со изолирањето и работењето од дома кога на удар беше побарувачката за нови автомобили, пренесува порталот pari.com.mk во својата последна анализа.  Анализата покажува дека најголем губитник во обемот на средства, минатата година е компанијата Порше Македонија. Компанијата бележи голем пад и кај приходите и кај профитот, но и намалување на бројот на вработени. Имено споредбено со 2019 година приходот на Порше Македонија е намален за цели 11 милиони евра,а  добивката е намалена за скоро 800 илјади евра што ја прави става компанија на врвот на листата по пад на добивката. И кај другите компании се бележи голем процентуален пад, но од аспект на обем на приходни, Порше Македонија е на врвот. 

Што е причината за ваквите бројки?

Драстично се намалија потребите од превозни средства, а пазарот се обидуваше преку најразлични промотивни кампањи да надомести дел од загубеното. Исто така, во голема мера влијае и неизвесноста околу вирусот која создава услови луѓето да апстинираат од купување и поседување луксузни добра. Втората фаза, која до израз доаѓа во последниов период, се однесува на неможноста да се испорачаат бараните количини на возила.Чистењето на залихи и намаленото производство доведоа до тоа автосалоните да бидат полупразни, а за испорака може да се чека и до 6 месеци. Нарушените синџири на достава и во голема мера зависноста од кинеско производство, доведоа до намалена продукција и повисоки цени и токму затоа се очекува поскапување на одредени модели на почетокот на наредната година.

Анализирајќи ги податоците на платформата за бонитетни податоци на БизнисМрежа.мк за топ 10 компании од автоиндустријата може да се заклучи дека и покрај тоа што остварила најголем профит и најмногу приходи, најголем пад на приходите и добивката бележи компанијата „Порше Македонија“ што ја прави компанијата најголем губитник на пазарот во пандемиската година. Значителен удар врз приходната страна бележат и АВТОНОВА со пад од 35.34%, како и Тојота авто центар и Порше Македонија со пад од околу 20%. 

Кои се победници? 

Компанија која успеала да го “победи” пазарот е Мида гранд моторс. Оваа компанија во 2020 година генерира зголемени приходи во износ од 1,7 милиони ЕУР, што претставува пораст од 21%. Сепак, овие бројки не се пресликале во целост во крајниот резултат со оглед на тоа што компанијата последните 2 години во низа остварува негативен финансиски резултат. Покрај неа, во друштвото на компании со загуба во 2020 година е и компанијата ЕУРОИМПЕКС, која ја затворила фискалната година со негативен резултат од 154 илјади ЕУР.

Вкупните приходи на топ 10 компании се помали за 29,7 милиони ЕУР, додека вкупната добивка е намалена за 2,2 милиони ЕУР.

Единствена компанија која успеала да изгенерира пораст на добивката е М КАР од неверојатни 35% и покрај малиот пад на приходи од 2.3%. Сепак,ваквите бројки треба да се третираат со големо ниво на претпазливост имајќи ги во предвид апсолутните податоци.

Зголемување на бројот на вработени во индустријата

Од аспект на вкупниот број на вработени мора да го истакнеме фактот дека на ниво на индустрија дури има и мало зголемување на бројот на вработени, што укажува на фактот дека компаниите имаат вложено значителни ресурси во човечкиот капитал и дека токму тоа е движечката сила во бизнисот, па и на цена на добивките сепак се погрижиле скоро никој да не остане без лични примања.

Единствена компанија која го намалила бројот на вработени во текот на 2020 година е компанијата „Порше Македонија“, покажува анализата на pari.com.mk