„Аптив“ го затвора погонот во ТИРЗ Бунарџик кај Скопје, а британскиот гигант „Џонсон Мети“, најголемиот извозник од Македонија, ќе го намали бројот на вработени, објави синоќа ТВ „Телма“.
Инаку, од „Аптив“, каде што работно се ангажирани околу 500 лица, за „Телма“ велат дека „поради оптимизирање на производствените капацитети, согласно случувањата на глобалниот пазар, производство од Бунарџик го селат во нивните погони во Полска и Португалија, а во Македонија се затвора“.
Оваа глобална компанија е присутна во 50 земји со над 200 илјади вработени, според информациите од нивната корпоративна интернет страница.
Во 2016 година, „АПТИВ Сервисес Македонија“ ја отвори својата прва локација во Македонија, во Скопје - Технолошка индустриска развојна зона, Бунарџик. АПТИВ во Македонија има околу 500 вработени кои што произведуваат за автомобилската индустрија во светски рамки.
Во дописот од компанијата за „Телма“ се вели и дека „имаат план за поддршка на вработените во текот на целата транзиција, која ќе биде во согласност со локалните закони и прописи“, односно дека вработените ќе добијат соодветно обештетување.
Од „Џонсон Мети“, пак, која е убедливо најголемиот извозник од Македонија изјавија дека ќе го намалат бројот на работни позиции поради глобалните случувања.
„Со оглед на неодамнешните глобални економски притисоци на автомобилскиот пазар, правиме прилагодувања на сменските модели во некои наши локации за да ја балансираме понудата со побарувачката во блиска иднина. Ова, за жал, ќе резултира со ограничен број на работни места кои би биле предмет на намалување“, се вели во дописот од „Џонсон Мети“ до „Телма“.