Автентична храна и музика од Босфорот во Скопје

Спој од оригинални гастрономски специјалитети и традиционална музика кој ќе ја пренесе оригиналната атмосфера на Босфорот во Скопје, вака е најавен „Автентичниот вкус на турската кујна“ – настан што ќе се одржува од денеска до 3 декември годинава во главниот град.

Домаќин е хотелот „Лимак“, а за автентичноста на настанот ќе се погрижат врвни готвачи кои специјално ќе допатуваат од Турција. Тие ќе подготвуваат разновидни турски специјалитети по традиционални рецепти и состојки кои потекнуваат директно од Анадолија, Кападокија и централна Турција.

Гостите на настанот ќе можат да пробаат различни традиционални предјадења, мезиња, ќофтиња, хумус, имам бајалди и салати како познатата хајдари крем салата со традиционално сирење и шакшука – салата од модар патлиџан, пиперка и домат. Од главните јадења ќе бидат понудени: зачинето јагнешко (кавурма), пилав, булгур, мантии со јагнешко месо, супа од леќа, пиде, лахмаџун, печено јагнешко и телешко месо, пилешко на скара, полнети модри патлиџани со телешко месо (карнијарик) и други специјалитети, а трпезата ќе биде збогатена и со голем број традиционални десерти како што се: баклава, кадаиф, шеќерпаре, сутлијач и други.

За да се долови вистинската атмосфера на Босфорот, храната ќе се послужува во автентични садови, со традиционални декорации и изглед, а настанот ќе биде збогатен со турски чалгии во живо.

Во периодот од 30.11.2022 до 3.12.2022, настанот „Автентичниот вкус на турската кујна“ ќе се одржува секој ден од 19 до 22 часот.