Австрија воведува ковид-правила за заштитни маски со повисок степен на заштита

Австрија ги отвора ноќните клубови и манифестациите во поголеми затворени простории, а таму пристап ќе имаат лица кои се целосно вакцинирани или кои оздравеле од ковид-19. Истото важи и за настани на отворено. 

Исклучок се деца помлади од 12 години, за кои е задолжителен антигенски или ПЦР-тест, со негативен наод. 

За поголеми настани, со над 500 присутни, важи дека можат да влезат со негативен ПЦР-тест, сертификат за вакцинација или потврда за прележан ковид-19, а антигенските тестови не се прифаќаат. Слично е и за хотелите и сместувачките капацитети и болнички посети, како и посети во домови за стари лица. Во случај некое лице да нема прележано ковид-19, да не е вакцинирано и да не поседува негативен ПЦР-тест, ќе мора да носи маска со најмалку FFP2 ниво на заштита - онаква каква се носи при високо загадување на воздухот со ПМ10 честички. 

Во кината и театрите, како и во концертни сали до 500 места, може да се носи и „обична“ маска (двослојна платнена или стандардна медицинска), но задолжително треба да бидат покриени и носот и устата. 

Носење на FFP2 маска ќе биде задолжително во продавници. Вработените во здравствени установи исто така треба да носат маска, но исто така еднаш неделно и да се тестираат со ПЦР тест за детекција. 

За останатите работници во услужна дејност, образование, хотели, угостителски објекти, важи поседувањето на сертификат за вакцинација или негативен ПЦР, но и потврда за прележан ковид-19 (за која работодавецот одредува колку време ќе важи). Ако не поседуваат вакви документи, задолжително е носење на FFP2 маска. 

Овие мерки се збунувачки за граѓаните, а ќе почнат да се применуваат од 1 октомври.