Авичи: Сите достигнуваме точка кога сфаќаме што е најважно за нас, за мене тоа е музиката

Познатиот дј и продуцент Тим Берглинг, познат како Авичи беше пронајден мртов во Оман. Тој почина на возраст од 28 години.

Еден од најпопуларните и најуспешни музичари на електронската сцена постојано се појавуваше на листите на најдобри музичари, а беше дел и од листата на најплатени диџеи според Форбс. Авичи престана со јавните настапи во 2016 година, на врвот на неговата кариера истакнувајќи дека тоа е поради неговото здравје.

Поради претераното пиење и стресниот начин на живот, тој се соочи со многу здравствени проблеми. Во 2014 година, беа отстранети неговата жолчка и слепо црево.

Минатата година на својот вебсајт, Авичи ја објави следната реченица: Сите достигнуваме точка во нашите животи и кариери кога разбираме што е најважно. За мене, тоа е креирањето музика. Тоа е причина зошто живеам и за што сум роден. Минатата година престанав со јавни настапи и сите вие мислевте дека тоа е тоа. Но, тоа не значеше ништо за мене и мојата музика. Јас се повлеков во моето студио, каде сѐ има смисла.

Тој е роден во Стокхолм на 8 септември, 1989 година. Започна да се појавува како диџеј уште во тинејџерските години и го објави својот прв сингл во 2007. Синглот Levels од 2011 година, за кој подоцна беше номиниран за Греми му го поплочи патот до меинстрим музиката и врвот на топ листите.

Неговиот прв деби албум True беше објавен во 2013 година, а синглот Wake Me Up и соработката со Алое Блек го ставија на врвот на многу листи. На Билборд топ листата тој беше на првото место, рекордни 14 недели.

Сепак, со зголемувањето на популарноста, неговото здравје стануваше полошо. Беше хоспитализиран во март 2014 г, по што откажа неколку турнеи, а потоа соработуваше и со Карлос Сантана и Вајклиф за официјалната ФИФА песна We Will Find A Way. Неговиот последен настап беше во Ибица.