Авицена Женска трка се надминува себеси: Рекорден број пријавени кандидатки!

Се ближи стартот на седмото издание на Авицена Женска трка. Годинава Сојузот на спортови на Град Скопје во рамките на Виз Ер Скопски маратон го одбраа 31-ви март како идеален датум за реализација на трката. Стартната точка е кај фонтаната Лотос на булеварот Илинден во Скопје со почеток во 09:30 часот.

„Со гордост би истакнал дека бележиме рекорден број на пријавени кандидатки на трката. Пред завршување на последниот круг пријавувања се сруши рекордот од над 2.000 натпреварувачки. Кандидатките кои се пријавија пред 28-ми февруари преку купување на dry-fit маичка донираа по 100 денари за помош на Снежана Караџовска заради остварување на нејзината желба за повторно да прооди. Оние кои нема да се натпреваруваат или пак сакаат да помогнаат со донација, тоа ќе може да го направат со отворени донации во кутии на 31-ви март.“, рече Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.

Трката е во организација на Сојуз на спортови на Град Скопје, а под покровителство на Град Скопје и Агенција за млади и спорт на Република Северна Македонија, како дел од промотивните трки на Виз ер Скопски Маратон 2019.