Аутизмот поврзан со загадувањето на воздухот

Сѐ повеќе деца не посетуваат настава, а во болниците речиси и да нема слободни кревети поради енормното загадување во Скопје, кое важи за најзагаден главен град во Европа.

Лекарите велат дека децата и постарите се најранливи на загадениот воздух – мешавина од греење на домаќинствата, издувните гасови од возилата и тешката индустрија.

Македонската влада смета дека греењето на дрва и други отровни материјали е најголем причинител на смогот, и дека тоа придонесува за околу една третина од отровните емисии.

Но, критичарите велат дека зад овие бројки се крие лошо градско планирање и широко распространета сиромаштија.

Според анкета на УНДП спроведена во 5.044 домови, повеќе од третина од жителите во центарот на градот ги греат своите домови со апарати на дрва, од кои најголемиот дел се неефикасни и многу загадуваат. Втората третина од испитаниците признаваат дека тие самите или нивните соседи користат опасни материјали кои ги пронаоѓаат на градилишта или отпади, како гуми или пластично ѓубре.

Како последица од загадениот воздух во Македонија предвреме умираат 3.060 лица. Според бројот на населението во нашата земја ова претставува голема бројка на превремено загубени животи.

Неодамнешна студија откри нови докази кои ја поврзуваат изложеноста на загаден воздух со зголемен ризик од развој на аутизам кај децата, објави интернет-страницата на Светскиот економски форум.

Истражувањето спроведено кај деца во Шангај покажало дека изложеноста на ситни честички од загадување, познати како ПМ 2.5, е во корелација со 78% зголемување на дијагнозата на нарушувања од спектарот на аутизам (НСА). Доказите од новата студија, која ги следела децата во период од девет години, ги поткрепуваат наодите од претходно истражување.

Имено, една студија од 2014 година спроведена кај 116.430 бремени жени во САД покажала дека зголемената изложеност на ПМ 2.5-честички во текот на последните три месеци од бременоста двојно го зголемува ризикот децата да развијат НСА.

Двете студии нудат дополнитлни докази кои го поврзуваат вдишувањето на ситни честички од загадувањето со широк спектар на здравствени проблеми, како што се срцеви заболувања, мозочен удар, рак на белите дробови и акутни респираторни инфекции.

Светската здравствена организација проценува дека 7 милиони смртни случи на годишно ниво се поврзани со загадувањето на воздухот.

Честичките ПМ 2.5 имаат дијаметар од помалку од 2,5 микрометри и најчесто се наоѓаат во индустриските гасови и издувните гасови од возилата, а се присутни во многу загадени градови ширум светот.

Иако причините за појава на аутизам сè уште не се целосно разоткриени и натаму се предмет на истражување, одамна е препознаена улогата на генетиката во развојот на ваквите нарушувања.

Истражувањата за честичките во воздухот како фактор на ризик од аутизам продолжуваат да замаат замав, благодарение на наодите од Шангај и други студии.