Атрактивни приказни: Ирански филмови во Кинотека на Македонија

Во Кинотека на Македонија, утре (21 февруари) со почеток од 20 часот ќе се прикаже иранскиот игран филм “Каде ми се чевлите?“ од 2016 во режија на Киумарс Порахмад.

Филмот зборува за Хабиб Кавех кој боледува од Алцхајмерова болест и за него времето застанало пред години. Тој уште верува дека ќерката и сопругата ги изгубил, а овие двете „нови“ жени во неговиот живот (кои всушност се ќерката и сопругата) не ги препознава и тешко ги прифаќа.

На 22 февруари, пак, од 19 часот ќе се проектира “Не се срами“ од 2018 во режија на Реза Магсуди во кој Ганбар и Санам се веќе „во години“ и очекуваат мирно и без стресови да си ја дочекаат староста. Но Санам ќе открие дека забременила и тоа ќе ја исфрли од колосек. Како ќе се соочи со средината и своите(село на северот од Иран)?

Во сабота (23 февруари) од 18 часот, пак, публиката ќе има можност да го проследи “Каде е куќата на мојот пријател?“ од 1987 на Абас Кијаростами во кој осумгодишниот Ахмед, кој по грешка ја носи дома тетратката од своето другарче, тргнува во непознатото за да ја најде неговата куќа и да му ја врати. По долго талкање, запознавање нови луѓе, други улици и делови од градот, Ахмед се враќа дома, не успевајќи да го „спаси“ другарчето од казна, а сега е и казнет заради „непослушност“. Во таа ситуација, гладен, измрзнат, загрижен, растргнат од чувство на вина, на Ахмед ќе му текне дека сепак има надеж да го спаси пријателот…

Филмовите се прикажуваат во рамки на Неделата на ирански филм.