Во Македонската опера и балет и годинава ќе се одржи традиционален гала Василичарски концерт, кој ќе има две изданија на 12 и 13 јануари (20 часот), а публиката овој пат ќе има можност да ужива во “диско треската”.

Концертот насловен „DISCO FEVER“ оваа година ќе им приреди на присутните вистинско и незаборавно музичко доживување со изборот од најдобрите диско хитови од 70-тите години во целосно нови симфониски аранжмани!

Така, публиката во салата на МОБ ќе ужива во хитовите “Staying Alive”, “Night fever”, “Hot stuff”, “Upside down”, “Ain’t nobody”, “Dancing queen”, “That’s the way like it”, “Don’t stop till you get enough” и многу други популарни песни на Глорија Гејнор, Дона Самер, АББА, Би Џиз, Мајкл Џексон, Бони М и останати диско изведувачи. Концертот во живо е со оркестарот и балетот на МОБ, а во режија на Дејан Прошев и под диригентската палка на Бисера Чадловска.

Песните на сцената на МОБ ќе ги изведат познатите македонски изведувачи: Дани Димитровска, Наде Талевска, Ѓоко Танески, Александра Јанева, Елена Петреска, Маја Саздановска, Лина Пејовска, Александар Тарабунов, Ана Мицковска, Горан Наумовски, Полина Тасева, Лена Заткоска-Маротова и Лина Авшар.

Специјален гостин е Кире Ѓоревски.