
Асоцијацијата Инженери на Република Македонија (ИНРМ) објави дека денес ќе се сретне со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, со цел да ги презентираат своите гледишта во врска со, како што тврдат, неправедните практики во пресметувањето на цената на електричната енергија.
“На состанокот ќе побараме отстранување на одредбите за фактурирање врз основа на проценета потрошувачка, воспоставување фер и транспарентен систем на фактурирање и ќе дадеме предлог-решение за коректно фактурирање во случаи кога операторот не успева навремено да ги отчита мерните уреди.”
Тие ќе изразат загриженост во врска со неспроведувањето на обврските за непристрасност и објективност на членовите на РКЕ, особено имајќи предвид дека овие аномалии датираат од јули 2022 година, кога беа воведени блок-тарифи за пресметка на потрошувачката на електрична енергија, известуваат од Инженери на Република Македонија.
Објаснуваат дека нивниот одговор е предизвикан од многубројни жалби од граѓаните во врска со нереално високи сметки за електрична енергија. Анализирајќи ги правните и регулаторните акти, откриле нерегуларности и доставиле претставки за нивно разрешување.
“На 20 март 2025 година, РКЕ одржа подготвителна седница на која предложи измени на Правилата за снабдување со електрична енергија, со кои повторно се овозможува незаконско фактурирање врз основа на проценета потрошувачка. Веднаш поднесовме забелешки, поради што утре ќе имаме состанок со претседателот на РКЕ. Основниот проблем е што РКЕ дозволува изготвување фактури со проценета потрошувачка, а корекцијата се врши во наредниот месец по реалното отчитување. Оваа практика не е предвидена со Законот за енергетика, им нанесува финансиска штета на потрошувачите а генерира и дополнителни приходи за операторот на дистрибутивниот систем,” велат од Здружението.
Покрај тоа, тие соопштуваат дека ќе реагираат и на процесот на свикување на подготвителната седница од 20 март, бидејќи тоа било направено спротивно на законските и процедуралните рокови.