Асфалтирање на улицата Бигла на Водно

По речиси 50 години, жителите на улицата "Бигла" на Водно нема да живеат во кал и прашина. Општина Центар ја започнува реконструкцијата на улицата која на места немаше асфалт, а беше полна со ударни дупки кои претставуваа опасност за движење на граѓаните и возилата.

- Каблите на операторите висеа на улицата и им пречеа на жителите. Тие пред една година имаа средба со градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, и со неговите соработници. Тогаш беа изненадени од посетата бидејќи рекоа дека 37 години никој не дошол да ги види и да праша како живеат. Вистински куриозитет претставува фактот дека последен пат улицата била уредена при посетата на Тито.На средбата беше договорено да се асфалтира улицата и тоа ќе беше завршено за два месеци, но подоцна се направи дополнителен договор со граѓаните да се постави и нова водоводна мрежа, велат од Општина Центар.

Улицата "Бигла", која се наоѓа спроти Клиничкиот центар, ќе добие нов водовод, асфалтиран коловоз со површина од 520 м, реконструирано осветлување, а каблите на операторите ќе бидат спуштени под земја. Со ова, повеќедеценискиот проблем на жителите на "Бигла" ќе биде надминат.
Ова е деветта улица на Водно, која што актуелното општинско раководство ја реконструира. Завршена е обновата на првиот дел од "Питу Гули", а во тек е реконструкцијата на вториот дел, која опфаќа нова атмосферска и водоводна мрежа и нови тротоари и коловоз.

На улицата "Тасино Чешмиче" беше поставен асфалт, на "Новопроектирана 4" асфалт и атмосферска канализација, на улицата "Партениј Зографски" асфалтиран коловоз и тротоари, а оштетената улица "Ѓорги Скрижевски" доби нов коловоз. На улицата "Христо Чернопеев" сега жителите се задоволни бидејќи има нова водоводна и атмосферска мрежа, асфалтирана улица и тротоари и потпорни ѕидови. Улицата "Загребска" доби нов асфалт и тротоари и на падините на Водно пробиена е улицата "Новопроектирана 2".