Асфалтирана улицата во Шишево, општина Сарај

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Сарај, Беким Мурати, директорот на јавното претпријатие "Улици и патишта", Синиша Ивановски и членот на Советот на Град Скопје, Васо Трајковски денеска беа во посета на Шишево, Општина Сарај каде изминатиов период се асфалтираше главниот пат во ова населеното место.

- На барање на жителите на ова населено место при нашата последна посета, екипите на "Улици и патишта", по налог на Град Скопје извршија реконструкција на главната улица која поминува низ населеното место Шишево. Станува збор за целосно асфалтирање на главната улица која минува низ Шишево, на потег со вкупна должина од 1.650 метри и просечна ширина од 4,3 метри, со што вкупната асфалтирана површина изнесува околу 7000 метри квадратни. Со реализацијата на овој проект значително ќе се подобри квалитетот на живот на жителите на ова населено место и воедно ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот, а за истиот Градот Скопје одвои 8 милиони денари. Исто така, во близината на Шишево се изврши санација на коритото на реката Треска, бидејќи изминатиов период реката се излеваше од коритото и правеше штета, за што беа издвоени дополнителни 2 милиони денари - кажа градоначалникот Трајановски.

Градоначалникот Трајановски истакна дека Град Скопје има одлична соработка со Општина Сарај и градоначалникот Мурати и дека истата резултира со реализација на голем број проекти во оваа општина, а се осврна и на проектите кои ќе бидат реализарани во Општина Сарај во 2016 година.

- Главни проекти коишто Град Скопје ќе ги реализара на територијата на Општина Сарај во 2016 година се целосната реконструкција на главната улица која што поминува низ Сарај, како и реконструкција на главната улица во населеното место Глумово. Исто така, наредната година ќе се реализираат поголем број на проекти за подобрување на водоснабдувањето на повеќе населени места - изјави Трајановски.