
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека Артан Груби - второосомничениот во предметот за Државната лотарија, во кој е осомничен заедно со уште пет лица, доброволно се пријавил на органите на прогонот и изразил подготвеност да соработува со надлежните институции.
По добивањето на известувањето, Обвинителството ќе ја продолжи постапката со цел донесување јавнообвинителска одлука. На барање на осомничениот, преку неговата одбрана, тој во текот на денешниот ден бил спроведен пред надлежниот обвинител, каде што извршил увид во списите на предметот. Поради обемноста на доказниот материјал, увидот ќе продолжи и во наредните денови, по што ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана.
Во однос на мерките за обезбедување на неговото присуство во понатамошниот тек на постапката, Основното јавно обвинителство Скопје предложило замена на мерката притвор со куќен притвор и одземање на патната исправа.
Како причини за ваквиот предлог се наведуваат фактот дека во најголем дел доказите во постапката веќе се обезбедени, дека осомничениот доброволно се пријавил, како и индициите дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност. Според соопштението, овие индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи, а загрозената безбедност, како што се наведува, се однесува и на членовите на неговото семејство.