Поранешниот прв вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби, денеска пред Основниот кривичен суд во Скопје се изјасни дека не се чувствува виновен за обвиненијата поврзани со случајот „Државна лотарија“.

Груби на второто рочиште беше спроведен од куќен притвор со полициска придружба. Пред судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски потврди дека му е јасно за што е обвинет, а на прашањето дали се чувствува виновен, одговори кратко: „Не“.
Исто така, за невини се изјаснија и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, како и четворицата поранешни членови на Надзорниот одбор на Државна лотарија кои се опфатени со обвинението – Скендер Мехмети, Бојан Манев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриовски.
Последниот обвинет, Башким Авди, не се изјасни за вина. Тој пред судот рече дека обвинението и доказите не ги добил на албански јазик и дека не разбира во целост за што е обвинет. Побара материјалите да му бидат доставени на неговиот мајчин јазик.
Поради ова, главната расправа беше одложена.
Судијката го праша Авди и неговиот адвокат зошто барањето за превод не било поднесено порано, имајќи предвид дека станува збор за предмет во кој обвинетиот е во притвор. Авди одговори дека не бил запознаен со своите законски права, додека неговиот адвокат Асмир Алиспаиќ наведе дека бил ангажиран дури на 24 август.
Од Обвинителството, пак, реагираа дека правото на употреба на мајчиниот јазик е неспорно, но дека тоа можело да биде побарано порано. Обвинителот Александар Давчевски посочи дека на претходното рочиште на Авди преку судски преведувач му биле дадени сите потребни правни поуки.
Во меѓувреме, Обвинителството го допрецизираше обвинението врз основа на извршеното вештачење. Според новата пресметка, на обвинетите не им се става на товар штета од 507,6 милиони денари, односно околу 8,2 милиони евра, туку штета од 596,1 милиони денари или приближно 9,7 милиони евра.
Случајот се однесува на наводни злоупотреби во работењето на Државна лотарија. Според обвинението, меѓу обвинетите се и поранешниот директор на Државна лотарија, Прпарим Бајрами, поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски, како и поранешни членови на Надзорниот одбор.
Бајрами не присуствува на судењето бидејќи се наоѓа во бегство и по него е распишана меѓународна потерница. Судот претходно донесе одлука постапката против него да се води во отсуство. Неговата одбрана ја презема адвокат ангажиран од неговата сестра.
На првото рочиште, одржано на 24 август, главната расправа исто така беше одложена. Одбраната тогаш побара увид во целокупниот предмет и доставување на изјавите на сведоците дадени во Обвинителството, со образложение дека тие се потребни за подготовка на одбраната и за вкрстено испрашување.
Обвинителството најави дека во текот на судската постапка ќе се обиде да ја докаже вината на обвинетите со 231 материјален доказ и седум сведоци.
Со денешното рочиште, судскиот процес продолжува, но поради барањето на Башким Авди за превод на обвинението и материјалите, расправата е одложена за друг термин.