
По бурата од негативни реакции за изборот на познатиот водител Миро Кацаров за в.д. директор на Универзална сала, се огласи негов близок соработник кој упати сериозен и освестувачки апел.
Како што пишува Горан Арсовски, вели по се што прочитал не може да молчи.
- Затоа што првпат гледам како Миро, човек што цел живот им носел насмевка, емоција и убави моменти на луѓето, тивко се крши одвнатре поради истите тие луѓе. Искрено, мислам дека ова е првпат во животот јавно да почувствувам потреба да напишам нешто вакво. Сум имал моменти кога сум чувствувал револт, кога сум сакал да кажам што мислам или да реагирам на одредени работи, но секогаш сум одбирал тишина, верувајќи дека човекот повеќе вреди по делата отколку по зборовите. Но ова ме погоди поинаку, вели тој за случајот со Кацаров.
Фејсбук објавата на Арсовски ви ја пренесуваме во целост:
Не поради функција, политика или јавност, туку поради тоа што првпат толку јасно ја почувствував суровоста во која почнуваме да живееме. Колку лесно денес луѓето уништуваат нечиј мир, нечиј сон и нечија човечка вредност, без ниеднаш вистински да го запознаат човекот за кој зборуваат.
И можеби најтешко од се ми падна што гледав како човек што го знам цел живот, човек со огромно срце и човек што душата си ја дава за луѓето што ги сака, станува мета на илјадници пресуди од луѓе што никогаш не седнале со него ни пет минути.
А јас многу добро знам каков човек е Миро кога ќе се изгаснат камерите, кога ќе заврши денот и кога ќе остане сам со своите мисли. Знам колку е емотивен, знам колку длабоко ги доживува работите и знам колку ова ќе го скрши одвнатре. Не затоа што му значи функцијата, туку затоа што знам со колкава љубов, со каква страст и со каков влог ја работи секоја работа во животот.
Некои луѓе работат за плата, некои за позиција, а некои вложуваат душа. Токму затоа најмногу боли кога некој ќе ти ја гази душата, а воопшто не те познава.
И дали барем еден од тие луѓе застана за момент и се запраша што ако сите тие коментари ги чита неговата мајка, неговиот татко или неговото семејство? Што ако ги чита човек што дома има новооформено семејство и бебе старо само неколку месеци?
Зад секое име што го навредувате стои нечие дете, нечии родители, нечие семејство. Човек од крв и месо.
Миро не го познавам од телевизија, ниту од јавноста. Го познавам од живот. Од денови кога немавме ништо освен идеи и верба дека еден ден ќе успееме. Од падови, жртви, непроспиени ноќи и борби што никој никогаш не ги видел.
И затоа денес не можам да молчам.
Не затоа што некој нападнал функција, бидејќи функциите никогаш не го дефинирале него. Туку затоа што нападнаа човек.
И најтажно од сѐ е што целата оваа омраза, сите овие навреди и целиот овој јавен линч се случија за ВД директор (привремена функција ). Функција за која веќе е најавено дека ќе има јавен оглас каде што секој ќе може да се пријави.
А ние како општество успеавме да уништиме човек и пред воопшто да добие шанса нешто да покаже.
И тогаш сфаќаш колку длабок е проблемот.
Не ни се секогаш криви политичарите. Не ни е секогаш крива државата. Не ни е секогаш крива власта. Некогаш самите сме си виновни.
Станавме нација што јавно зборува дека сака способни и квалитетни луѓе, а првото нешто што го правиме е да бараме партиска припадност наместо човечки и професионални квалитети. Станавме општество во кое повеќе нѐ интересира „чиј е“ отколку „каков е“.
И за жал, станавме општество што многу полесно им се восхитува на успешни криминалци, отколку на вредни луѓе што искрено сакаат да придонесат за некоја институција, град или држава.
Тоа е најтажниот пораз.
Не затоа што некој добил или изгубил функција, туку затоа што полека ја губиме способноста да гледаме човек во човекот.
Полека стануваме народ што се храни од туѓи падови, народ што заборавил да се израдува на туѓ успех и народ што чувствува потреба да уништи некого што се обидува да се издигне.
Психологијата вели дека луѓето што се празни одвнатре, најчесто бараат чувство на вредност преку омаловажување на други. И колку повеќе ги читав сите тие коментари, толку повеќе сфаќав дека ова одамна не е приказна за една функција. Ова е приказна за недостаток на човечност.
И можеби денес ова е приказна за Миро. Но утре може да биде приказна за било кого. За секој човек што некогаш бил јавно осуден, навреден или понижен од луѓе што никогаш не го запознале.
Особено за луѓето што живеат јавен живот. Луѓе што секој ден се смеат пред камери, настапуваат, забавуваат народ, создаваат музика, емисии, настани и спомени за други, а навечер дома тивко се борат со тежината од зборовите што ги прочитале за себе.
Можеби е време барем еднаш да престанеме да се радуваме на јавни линчови и бидејќи никој не заслужува да биде уништен од луѓе што не ја знаат неговата приказна.
И затоа денес првпат пишувам ваков пост. Не за да убедам некого, ниту за да сменам нечие мислење, туку за да кажам дека полека ја губиме најважната работа што ја има еден човек — човечноста.
А без неа, секој успех, секоја функција и секоја победа стануваат безвредни.
На крајот, не е важно кој колку успеал.
Важно е кој останал човек.