Арсовска: Заедно да го спречиме дивеењето на урбаната мафија

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска вчера се заблагодари на вработените во Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија-Скопје кои веќе 60 години се грижат за безбедноста на нашите граѓани.

- Оваа институција е стожер на безбедноста и стандардите во градежништвото и претставува една од најважните институции за Градот Скопје. Овие луѓе прават се за да не ни се повтори трагедијата која го најде Скопје кога градот беше погоден од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, порача Арсовска. 

- Во скопските општини има детални урбанистички планови кои некој се обидува шверцерски да ги протне низ институциите. Ви се обраќам лично Вам, експертите во Македонија кога станува збор за инженерството во едно трусно подрачје како што е скопскиот регион заедно да го спречиме дивеењето на урбаната мафија. Ве повикувам да бидете гласни и да се спротивставиме на сите оние кои сакаат да го оневозможат хуманото живеење на скопјани, порача Арсовска.