Арсовска за црната кампања против неа: Сега јасно и гласно кажувам – сѐ што кажавте досега е лага

Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска преку видео се обрати кон граѓаните, по повод црната кампања која, неколку дена, се води кон неа. 

-Последниве денови сме сведоци на силна црна кампања против мене и моето семејство. Еве на крајот од оваа кампања сакам да ви се обратам директно и искрено вам, дека јас, Данела Арсовска ја побарав вашата поддршка како човек без ниту една дамка во животот и таа поддршка ја добив. Јас за разлика од моите противници не направив никаква негативна кампања за нив. Немам потреба од такво нешто, бидејќи локалните избори треба да бидат борба на идеи и проекти на ниво на градот. За жал овие избори некој ги направи извор на лажни вести и црни кампањи, вели Арсовска. 

-Најавија дека сега повторно ќе бидат предмет на напади мојот татко, мајка, сопруг и дете. Тоа е и напад врз мене како нечие дете, нечија сопруга, нечија мајка. Никој не заслужува ваква црна кампања, никој не заслужува да биде предмет на монтажи, фалсификати и продуцирани видеа за да се исмеваат со некого. Никој во оваа земја не заслужува да биде понижуван и навредуван. Затоа што тој што тоа го прави покажува ароганција и слабост. Затоа што тој што тоа го прави сака да ги скрие своите криминали и да избегне одговорност, порача Арсовска. 

-Сега гледам право во нив, моите противници, бидејќи сега се двајца и градоначалникот во заминување и премиерот во заминување со порака – Ќе ве победиме! Готово е! Сега јасно и гласно кажувам – се што кажавте досега е лага.

На нивната омраза ќе одговориме со нова надеж, промени, добри дела и одговорна работа. Промените е тука, да се здружиме сите за модерно и поубаво Скопје, децидна е Арсовска.