Арсовска: Универзална сала ќе има и скопјани ќе се гордеат со неа, но пред се мора да знаеме дека објектот е безбеден за сите нас

-Универзална сала ќе има и скопјани ќе можат во иднина да се гордеат со објектот кој е синоним за Скопје и за скопјани, но исто така, граѓаните треба да се добро запознаени со целиот процес на реконструкција во изминатиот период, кој за жал не се одвивал според законите и прописите за изградба на еден таков објект, за што сведочат и забелешките од бројни архитекти кои што се запознаени со проектот, истакна градоначалничката Арсовска во утринската емисија „Здраво Македонијо”.

Арсовска додаде дека во овој момент е активиран цел државен апаратус за задскривање на грешките кои што поранешното градско раководство ги направило при проектирањето и отпочнувањето на реконструкцијата на Универзална сала.

-Реконструкцијата на Универзалната сала не е стопирана, туку се одвива со мал интензитет и се работи само онаму каде што проектот гарантира безбедност за работа. Не можеме да дозволиме да се работи на објект кој најпрво не гарантира безбедност ниту за работниците, ниту за граѓаните кои во иднина ќе ја посетуваат Универзална сала. Не е во ред целата централна власт да се вклучена во криењето на деталите од проектот за реконструкцијата, па дури и да напаѓа за нешто што го згрешиле оние кои што го отпочнале проектот, вели Арсовска.

Градоначалничката Арсовска потенцираше дека Градот Скопје нема да ја допре изградбата на Универзална сала, туку ќе настојува истата да се реконструира согласно сите правила кои што ќе гарантираат безбедност, а потоа и финализација на проектот онака како што граѓаните заслужуваат.

-Универзалната сала е лицето на Скопје и тука не смее да се експериментира, туку да се работи на издржано решение кое што ќе обезбеди непречена реконструкција на Универзалната сала, заклучува таа.