Арсовска: Унапредувањето на процесот на фискална децентрализација е неопходно

Во рамките на проектот на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) за „Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите“ денеска беа презентирани успешните меѓународни и домашни практики за ефективно собирање на општинските приходи од сопствени извори. 

На настанот се обрати Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и го сподели ставот на ЗЕЛС во однос на планирањето и наплатата на сопствените приходи, особено за администрирањето на данокот на имот.

- Позитивните реформи за зголемување на степенот за децентрализација можат да создадат добра основа за креирање на уште поповолни политики кои влијаат на добро локално владеење, но и се добредојдени во насока да го зајакнат гласот на единиците на локална самоуправа во креирањето на националните политики. Заложбите на  ЗЕЛС се подобрување на функционалноста на локалната даночна администрација и зголемување на наплатата на приходите од сопствени извори. Воедно унапредувањето на процесот на фискална децентрализација, е неопходно со цел да им се овозможи на општините потребната самостојност во делувањето, но и поголема самостојност во реализација на проекти во интерес на граѓаните – истакна Арсовска.

Во рамките на проектот на УСАИД „Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите“, Градот Скопје се приклучи во кампањата „Мојот данок, за мојата општина!“ - До подобри општини, со навремено подмирување на данокот на имот. 

- Кампањата за подигнување на јавната свест за потребата и придобивките од навременото подмирување на данокот на имот со цел добивање на ефикасни и квалитетни услуги од единиците на локална самоуправа досега има позитивен ефект, а наплатата на данок на имот во изминатиот период е значително подобрена. Градот Скопје ги поддржува сите добри иницијативи и проекти кои ќе придонесат за финансиско зајакнување на општините, чија крајна цел е зголемување на квалитетот на услугите кои ги нудиме и подобрување на животот на нашите граѓани. – истакна Арсовска. 

На настанот присуствуваа градоначалници и претставници од 40 партнер-општини на проектот, претставници од донаторската заедница, како и претставници од Министерството за финансии, Министерството за локална самоуправа и други релевантни институции.