Арсовска: „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ наплаќале билети, тие пари не ги пријавувале и ги ставале во џеб

На почеток дозволете ми да ги демантирам лажните вести од изминатите денови, за кои и покрај тоа што појаснивме кои се предизвиците, очигледно е неопходно детално појаснување за да се прекине со манипулациите кои поединци ги пласираат во јавноста со цел заштита на својот приватен личен интерес, рече градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на денешната прес-конференција. 

Таа истакна дека јаввноста мора да ги знае вистинските причини за привидот за, како што рече, наводниот „хаос“ во сообраќајот, кој некој со намера го предизвикува, а таа намера денес ќе ја откриеме и разобличиме.

-ЈСП Скопје склучува договори со приватните превозници, во случајот „Макекспрес“ и „Слобода Превоз“ врз основа на кој ЈСП има обврска на приватните превозници да им исплаќа по едно евро, а сега по зголемување на дериватите по 1,5 евра по извозен километар. Оваа обврска месечно чини околу 24 милиони денари, но, од оваа сума треба да се одбие сумата која приватните превозници ја оствариле од продажба на билети за возење. Приватните превозници, согласно член 5 од нивинот договор, имаат обврска продадените билети да ги потврдат со фискална сметка, и да ги валидираат во интегрираниот систем со ЈСП Скопје. Кога ќе го направат тоа, од вкупната сума која ЈСП Скопје ја должи за извозен километар, се одбива сумата која од продадени билети ја оствариле приватните превозници - објасни Арсовска. 

Таа истакна жалење што како што рече, ќе ги разочара, но истакна дека ниту таа, ниту Градот Скопје, ниту ЈСП, нема да бидат сојузници во криминал кој траел од 2017 година, рече Арсовска. 

-Имено, евидентно од аналитичките картички со кои е евидентирано финансиското работење кое произлегува од договорот со приватните превозници „Макекспрес“ и „Слобода Превоз“, истите од 2017 година, се до овој момент немаат пријавено продажба на НИТУ ЕДЕН БИЛЕТ во своите автобуси иако пријавувале дека возеле околу 400.000 километри месечно. Ова го пресметувале по едно евро за извозен километар, а потоа го фактурирале на ЈСП. Или наједноставно, „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ наплаќале билети, тие пари не ги пријавувале и ги ставале во џеб, а потоа фактурирале и 400.000 евра од ЈСП Скопје секој месец. Оваа „шема“ трае цели пет години.Како што може да се види од аналитичките картички, доказ дека ова се случувало е фактот што тие од 2017. Година НЕ добавиле билети од ЈСП Скопје кои потоа ги продаваат на патниците. Од 2017 Година „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ НЕ ПРИЈАВИЛЕ ниту еден продаден билет во ЈСП Скопје, иако за билети наплаќаат од патниците. Прашуваме, каде се овие пари? - рече Арсовска. 

Каде завршувале парите кои „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ требало секој месец да ги пријавуваат во ЈСП Скопје и УЈП од продажба на карти, ако пет години нема пријавено ниту еден продаден билет, запраша Арсовска. Таа кажа дека превозниците наплаќале билети од патниците, а потоа дополнително полната сума од околу 400.000 евра ја фактурирале од ЈСП Скопје.

-Дополнително, како што истакнавме и на минатата прес конференција, средствата кои ЈСП ги исплаќал кон овие две здруженија, не знаеме на кој начин биле распределувани и кој превозник колку средства добил. Веруваме дека најголемиот дел од сопствениците на приватни автобуси кои членуваат во здруженијата „Макекспрес“ и „Слобода Превоз“ се чесни луѓе кои од возењето автобус го прехрануваат семејството. Но, злоупотребите на овие здруженија нема да се премолчуваат, туку напротив со постапување на институциите овие злоупотреби ќе се спречат, што ќе резултира и со покренување на соодветна постапка по финалниот ревизорски извештај. За да оние кои злоупотребиле, да не шпекулираат за причините на прекин на договорите, Град Скопје изготви нов јавен повик на кој СЕКОЈ од сегашните поединечни превозници, сопственик на приватен автобус ќе може индивидуално да аплицира, да добие линија на која ќе сообраќа и да работи чесно за обезбедување соодветен јавен превоз - потенцираше Арсовска. 

На крајот, додаде, дека криминалот и корупцијата и оние кои злоупотребуваат, нема да наидат на поддршка во градот, затоа што , како што рече таа, Градот Скопје се обврзал дека ќе расчисти со тоа што до сега било кочничар за развој на градот.

-ЈСП се консолидира, се спроведуваат реформи во насока на прилагодување на еко стандарди и се движи кон трајно решавање на предизвиците во јавниот превоз - заклучи градоначалничката.