Арсовска: Скопјани веруваат во моите компетенции и како натпартиски кандидат ќе го дадам најдоброто од себе

-Пошироката јавност знае дека јас сум еден од единствените два кандидати кои успеаја сами да соберат потписи за кандидатурата и како независен натпартиски кандидат, едноставно да ги повикам скопјани, сите оние кои што сметаат дека јас ги имам оние квалитети и оние компетенции кои тие сметаат дека се вистинските да го водам градот Скопје, да ми ја дадат својата поддршка. И тие својата поддршка ми ја дадоа, истакна денеска Данела Арсовска, кандидат за градоначалник на Скопје во емисијата „Студио 10“ на телевизија 24. 

-Воедно ги повикав сите политички субјекти во државата, сите општествени чинители и пошироко значи особено оние кои што имаа влијание во градот Скопје да ми ја дадат својата поддршка. Поддршката како што знаете ја добив, ја добив од ВМРО-ДПМНЕ, ја добив од Алијансата за Албанците, ја добив од Алтернатива, ја добив исто така и од голем број на организации кои се релевантни општествени чинители, меѓутоа најважно ја добив од скопјани. Поддршката ја побарав и од симпатизерите на СДСМ и од сите оние кои што не се задоволни можеби од она што се случува, а веруваат во моите компетенци и дека како независен и натпартиски кандидат, ќе го дадам едноставно најдоброто од себе за Скопје и за скопјани, рече Арсовска. 

Таа додаде дека не треба веќе да се стои на страна и само да се гледаат предизвиците на Скопје. На граѓаните веќе им е преку глава од политиканство. На граѓаните им е потребно здраво менаџирање на Скопје, им требаат нормални и достоинствени услови за живеење.

-Да, сум независен и да, сум натпартиски кандидат и пред се тоа фактите го говорат затоа што ниту имам членска книшка, ниту некогаш сум била припадник на било која партија. А, ќе ги застапувам сите без разлика на нивната политичка определба, без разлика на било какви други поделби кои што би сакале некои луѓе во општеството да ги направат, нагласи Арсовска.

Арсовска посочи дека скопјани најмногу алармираат на сообраќајниот хаос, урбанистичкиот хаос, нечистотијата и загаденоста во Скопје.