Арсовска: Ширењето невистини нема да ја реши енергетската криза

„Жалам што морам уште еднаш да ја констатирам неспособноста на Владата за справување со предизвиците од енергетската криза, а со кои се соочуваат и скопјани“, ја започна синоќа својата објава на официјалната Фејсбук страница, градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска. 

Таа посочи, дека она што загрижува според неа, е неинформираноста на институциите за сопствените ингеренции што се однесува до парно греењето.

-Колку за потсетување, уште на 10.01.2022 година премиерот Ковачевски се пофали дека Владата нема да дозволи граѓаните на Скопје да останат без греење, за сега на веќе започната грејна сезона, наместо функционално решение граѓаните да се соочуваат со ладни радијатори. Ширењето невистини и манипулирањето на граѓаните нема да ја реши економската и енергетска криза. Напротив, премиерот Ковачевски би требало итно да се зафати со решавање на овие проблеми, наместо да шета од медиум на медиум и да пласира невистини. - порача Арсовска. 

Таа потсети дека Владата има дадено повеќегодишна концесија на БЕГ при што, како што рече Арсовска, обврска и одговорност на Владата е да се справи и со последиците кои произлегуваат од таа концесија.

„Согласно член 38 од Законот за енергетика вршителите на енергетските дејности се лица кои поседуваат лиценца од Регулаторната комисија за енергетика која се издава за период од три до 35 години во зависност од видот на енергетската дејност, видот и обемот на обврската за обезбедување јавна услуга во вршењето на енергетската дејност, обемот на средствата потребни за извршување на енергетската дејност, времетраењето на правото за користење на соодветниот енергетски ресурс.

Град Скопје во ниту еден момент не бил носител на лиценца, напротив до енергетската криза на сите Влади очигледно им одговарало енергетските ресурси со кои се произведува, дистрибуира и снабдува со енергија, да бидат во рацете на приватници наместо да се третираат како национални ресурси кои се од исклучителен јавен интерес. Владата кога беа милионски профитите на приватните компании кои раководеа со топловодната енергетска мрежа одбиваше таа да биде одземена од истите и да претставува национален ресурс, за сега да бара виновник за сопствените одлуки.

Обидите за префрлање на вина од оној кој не преземал соодветни мерки за амортизирање на ценовниот шок во кризава е дегутантно и непотребно, бидејќи ако се реагираше на време со мерки, како што тоа го направија владите на другите држави, сега немаше да има толку големи проблеми. Поради континуирано задоцнетите мерки сите плаќаме поскапа електрична енергија, парно, нафтени деривати“, напиша Арсовска.