Арсовска се огласи за ГЕС: Три години трошеле пари на граѓаните, а не работеле ништо

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, се огласи на Фејсбук во врска отказите на сите вработени од Претпријатието за енергетика на Град Скопје „Градски енергетски системи” (ГЕС), посочувајќи дека тие три години трошеле пари на граѓаните за високи плати, не работејќи ништо.

– Некој кој формираше претпријатие во кое три години вработените трошеле пари на граѓаните за високи плати не работејќи ништо, најмалку што треба да направи е да се скрие од јавноста наместо да ја истакнува својата неодговорност кон средствата на граѓаните во време на криза, напиша на Фејсбук градоначалничката Арсовска.

Според неа, ГЕС, неговиот управен одбор, директор и вработени за три години потрошиле повеќе од милион евра пари на граѓаните, без да реализираат ниту една активност.