Арсовска: Пречистителната станица во Скопје е најголемиот еко капитален проект во државава и регионот

Нема проблем, затоа што не дозволивме да го има, рече градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска на новинарско прашање околу постапката за  Пречистителната станица за отпадни води во Скопје за којашто денеска беше потпишан договор за грант од Европската инвестициска банка, со што се заокружи финансиската рамка.

По потпишувањето на договорот Арсовска изјави оти верува дека по завршување на сите неопходни постапки, на следниот настан практично ќе се официјализира она на што работеле од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје  изминатите години.

Според неа, станува збор за најголемиот еко капитален проект во државава и во регионот,  којшто, како што рече, е навистина неопходен имајќи ги предвид додадените вредности што самиот по себе ги носи.

- Од една страна е тоа што ќе имаме прочистување на над 90 проценти од урбаните отпадни води во градот Скопје, а од втора страна затоа што комплементарно се надополнува со сите останати работи коишто ги тераме како проекти во овие неколку години, а тоа е отпочнувањето конечно на справување со проблемот со тоа што веќе верувам сите го знаете како детектирен предизвик а тоа е дека 60 проценти од водите практично завршуваат не кај корисниците, односно се одлеваат од нашата мрежа. Значи, ова се навистина сериозни предизвици со коишто се справуваме. Отпочнавме со нивна реализација, појасни Арсовска.

На новинарско прашање дали имало проблеми во постапката таа наведе дека „нема проблем, затоа што не дозволивме да има проблем“. Шест месеци подоцна не дозволивме да има проблем, нагласи таа. 

По денешното заокружување на финансиската рамка, останува уште да се завршат процесот на експропријација и урбанистичко-ппланската документација со Градот Скопје и Општина Гази Баба, како и да се потпишат договорите за градба и надзор од страна на ЈП „Водовод и канализација“.