Арсовска на терен каде што се излеа Вардар, упати апел граѓаните да бидат внимателни на овој дел

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, вчеравечер, заедно со командирот на ПП бригада Скопје и службите на градот Скопје извршија увид на лице место на кејот на реката Вардар, во близина на мостот генерал Михајло Апостолски, каде што имаше излевање на реката.

Состојбата е стабилизирана и излеаното речно корито започна да се повлекува, порача градоначалничката Арсовска.

Арсовска потенцираше дека е повикан е изведувачот при што наложено е на фирмата која изведува градежни активности на тој потег, која има обврска да го одржува коритото каде што гради, да ја следи состојбата на терен и да преземе мерки. Заедно со екипи на градот Скопје е поставено ноќно дежурство, со цел следење на состојбата со речното корито.

Согласно информациите од регионалниот центар за управување со кризи, поради зголемен испуст на вода од хидро електраната Матка во текот на вчерашниот ден, заради зголемено производство на електрична енергија, зголемен е и водостојот на речното корито на Вардар, заради што е настанато излевањето.

Градот Скопје ќе ја следи состојбата со водостојот на речното корито на Вардар и во наредниот период, со цел навремено интервенирање и избегнување на поголеми несакани штети, рекоа оттаму и упатија апел до граѓаните да не го користат минор коритото на Вардар на потегот од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување до мостот во изградба, додека нивото на Вардар не се стабилизира.