Арсовска на средба со урбаните заедници во Општина Карпош

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска одржа координативен состанок со градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски и претставници на урбаните заедници од општината Карпош.

На средбата присуствуваа и претставници на јавните градски претпријатија и на администрацијата на Град Скопје.

Тимовите од Град Скопје воспоставиja месечна соработка со Општината Карпош за да се запознаат со сите предизвици што ги имаат граѓаните и за да се одговори на нивните барања кои во најголем дел се од областа на сообраќајот, уредувањето на просторот со зеленило и комуналната хигиена. Изнесените барања од граѓаните ќе бидат дел од акцискиот план со проекти кои Градот Скопје ќе ги реализира во населените места во оваа општина, информираа од Град Скопје. 

Претставници од Град Скопје и од јавните градски претпријатија веќе почнаа теренски активности за целосна проценка на состојбата со населбите во Општина Карпош, која ја сочинуваат 13 урбани и 1 месна заедница.

Градоначалничката Данела Арсовска и тимови од Град Скопје во изминатиот период остварија средби со претставниците на месните и урбаните заедници од скопските општини.

Целта на оваа активност на Град Скопје е да се излезе во пресрет на реалните проблеми на граѓаните и да се овозможи брз и рамномерен раст и развој на сите општини и населени места во нив, подеднакво, порачаа надлежните.