Арсовска: Ќе формираме национален регистар на лица со посебни потреби и ќе отвориме Центар за грижа

Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, денеска се сретна со претставници од здружението „Ресурсен Центар на родители на деца со посебни потреби“ на која што се обврза на отворена, транспарентна и континуирана комуникација со цел изнаоѓање решенија за клучните проблемите на оваа категорија граѓани.

Родителите се едногласни дека иако според законот има инклузија, сепак во пракса, ситуацијата е поинаква. Наместо прифаќање, лицата со попреченост, како и нивните родители се соочуваат со дискриминација и стереотипи. Недостасува и стручна едукација за родителите, како и формирање посебен Центар за грижа, во служба на поддршка на родителите во кој што ќе бидат вработени стручни лица, кои што ќе работат со лицата со посебни потреби и ќе ги унапредуваат нивните потенцијали. Концептот за еднаквост е само модел на хартија, затоа што во реалноста нештата се далеку поразлични. 

„Во Скопје, па и во целата држава не смее да има бариери кога се во прашање лицата со посебни потреби. Напротив, треба уште повеќе да се крене јавната свест за прифаќање на овие лица и да им се овозможи исполнување на нивните права во сите сфери од општествениот живот. Ќе формираме регистар на лица со попреченост што би имал позитивни буџетски импликации и таргетирани сервисни системски поддршки. Исто така, предвидувам и отворање на Центар за грижа што ќе работи во рамките на унапредување на квалитетот на животот и на родителите и на нивните деца. Ќе биде донесено и инфраструктурно решение што ќе овозможи полесен пристап во повеќе јавни места во Скопје “ – истакна Арсовска на средбата.

За крај, Арсовска се заложи за отворен дијалог и соработка со цел унапредување на правата на лицата со посебни потреби и олеснување на проблемите со кои што се соочуваат нивните родители, како и поголем слух од страна на градските и општинските служби.