Арсовска: Изречени се казни за формирање диви депонии, организирана група лица од други градови истура голема количина смет

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на својот Фејсбук профил објави дека изречени се пет казни на физички лица за формирање на дива депонија. Исто така таа посочи дека и на бул. Никола Карев се изречени казни и дополни дека организирана група од други градови истура огромна количина смет во Скопје.

На снимката што ја објави Арсовска се гледа како лице од комбе со таблички од Струмица исфрла голема количина на смет покрај контејнерите во Скопје.

„Во текот на денешниот ден на ул. Јуриј Гагарин кај Македонска куќа изречени се пет казни на физички лица за непрописно одлагање отпад и формирање дива депонија.

Исто така на бул. Никола Карев на локација позната како пластичарска улица, во акција опфатени се 8 правни лица на кои им се издадени задолженија кои ако не ги исполнат во рок се соочуваат со глоба од 9.000 до 60.000 евра.

Во истиот период исчистени се критичните точки во градот каде од организирана група лица од други градови се истура огромна количина на смет“, напиша Арсовска.