Арсовска го разреши директорот на МКЦ, откако му ја врачи 13-ноемвриската награда

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска го разрешила в.д. директорот на Младинскиот културен центар, Ванчо Богоев, кој на директорската фотеља седна пред точно една година, веднаш откако Арсовска стапи на функцијата. 

Информацијата за „Фокус“ ја потврди самиот Богоев, кој вели дека „поминал цела голгота“, особено последната недела.

„Денеска ме викнаа да ми го врачат решението за разрешување од функцијата без никакво посебно образложение, освен што е наведено дека заклучно со утре изминуваат шест месеци. Како тоа сега им пречам како директор и не ми продолжија, кога претходно без никаков проблем ми ги продолжуваше мандатот. Или, причина за тоа е што се спротиставив и не играм по нивно“, изјави вчера Богоев за „Фокус“

Тој додава дека главните проблеми почнале откако се побунил дека буџетот на МКЦ за една година изнесува два милиона денари (околу 32.000 евра), што според него е срамно.

„Генералниот секретар на Арсовска, Зоран Глигоров, цела недела ми се закануваше со разрешување, ме уценуваше и малтретираше. Што очекуваат да се направи само со два милиони денари буџет за целата програма на Младинскиот културен центар? Оттука почнаа несогласувањата. Јас работам 36 години во оваа институција. Истата таа градоначалничка која на 13 ноември лично на мене ми ја додели 13-ноемвриската награда, за два месеци ме разрешува“, вели Богоев.

-Наградата “13 Ноември” силно ја валидира нашата работа и секако нашата меѓународна позиција како важен чинител во домашната и европска сцена. МКЦ со нескриена гордост ја прими ова награда, најважна за нас, бидејќи го сакаме градот и се што правиме е во насока да овозможиме да се развива и негува живата култура. Клучот на Градот доаѓа во вистински момент за нас, за нашата публика, во моменти кога ни е потребен малку ветер во нашите едра”- изјави во ноември сега веќе сменетиот директор Богоев.