Арсовска: Договорот им е прекинат на лица кои не ги извршувале работните обврски и не се појавувале на работа

Тоа што на некого не му е продолжен договорот, значи дека раководството не е задоволно од неговата работа. Се работи за лица кои не си ги извршувале своите работни обврски, а најголем дел нив не се ни појавувале на работното место, изјави денеска градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска одговорајќи на новинарски прашања за отпуштањето од работа на 33 лица вработени во ЈП „Комунална хигиена”.

Во однос на добиените закани кои градоначалничката ги доби изминатиов период поради прекинување на договорот на овие лица, таа посочи дека тие не смеат да се дозволат во едно општество.

Според Арсовска, доколку некој смета дека овие лица треба да бидат поддржани во тоа да не доаѓаат на работа и да не ги извршуваат работните обврски, тој треба да излезе и јавно да го каже тоа.