Ароматизирани улици за центарци

Хигиената на улиците, тротоарите, патеките и велосипедските патеки во општина ќе се одржува со седум нови машини, т.н. Еко бригада за чист Центар.

Според градоначалникот на Центар Андреј Жерновски со децении нехигиената беше еден од најголемите проблеми во Центар, а овие возила од понеделник до недела ќе ги чистат улиците.

„Ќе се користат еколошки и ароматизирачки средства за миење. Граѓаните ќе можат на телефон да пријавуваат улици и места каде треба да исчистат возилата. Бројот ќе биде во мојот кабинет за да можеме да допреме и да ги чистиме и на оние места кои досега биле ретко или воопшто не биле чистени, во близина на домовите на граѓаните или пак прикриени локации кои не биле третирани. Од денеска, по дојава од граѓаните, сите овие локации ќе бидат исчистени од нашите служби“, рече Жерновски.

Општина Центар ангажираше голема цистерна од 8 метри кубни за миење на улиците, специјално возило со капацитет од 3 метри кубни за собирање на сметот на пешачки и други патеки за интеревентни и сезонски активности, зглобна цистерна од 1 метри кубни за миење на тротоарите и велосипедските патеки, метачка или шмит машина за метење на улиците и патеките и други асфалтирани површини со четки за усисување на прашината и собирање смет на тротоарите и патеките и улиците, две сезонски машини една за вшмукување на лисја во определени годишни времиња и специјално возило за одржување на патеки во зимски период.

Ангажирањето на оваа механизација ќе чини до девет милиони денари за девет месеци, значи до еден милион денари месечно во зависност од сработеното.

Достапни се и резервни возила за брза и ефикасна интервенција кога ќе има зголемена потреба и во периодите од годината кога улиците повеќе се валкаат.

Општината се обврзува дека ниту еден дел од Центар нема да им избега на водата и четките од машините кои од денес стартуваат со чистење, тоа значи чист Центар дење и ноќе, на цела територија, 365 дена во годината .