
Дали ја паметите Аркадија?
За многу скопјани кои растеле во 90-тите и почетокот на новиот милениум, Аркадија не беше само сендвичара. Таа беше место на кое завршуваше вечерта, последна станица по диско, концерт или ноќно излегување, кога градот полека се смируваше, а гладот стануваше најважната работа на светот.
Сместена на булеварот „Св. Климент Охридски“, тогашна ЈНА, Аркадија со години беше еден од најпрепознатливите локали во центарот на Скопје. И денес, децении подоцна, многумина сè уште ја користат како топографска одредница: „кај бивша Аркадија“.
Од ретките зачувани фотографии, старите менија и сеќавањата на скопјани се создава слика за место кое било многу повеќе од обична сендвичара. Препознатливите светлечки реклами, неонските детали и арката над влезот биле дел од визуелниот идентитет што го правел локалот лесно препознатлив за секој што минувал низ центарот на градот.
Но вистинската причина поради која Аркадија останала во колективната меморија е храната. Менито денес изгледа како мала гастрономска мапа на скопските 90-ти години. Во понудата имало хамбургери, чизбургери, француски сендвичи, плескавици, гиро, пастрмајлии, пици, калцоне, салати, омлети и десерти.
Посебно место во спомените на посетителите имаат прочуените „појачани тостови“, „турбо тостовите со кајмак“ и легендарниот „Тост Аркадија“, кој за многумина останува симбол на доцните ноќни часови во градот.
Интересен детал од понудата бил и детскиот комплет кој содржел сендвич, помфрит, лименка и играчка, нешто што во тоа време било вистинска реткост во Скопје.
Во сеќавањата на скопјани често се споменува и Перо Аркадија, односно Перо Ждрал, човекот кој за многумина останал неразделен дел од приказната за ова култно место и една поинаква скопска угостителска сцена.
Аркадија беше дел од едно време кога ноќниот живот во Скопје имаше свои препознатливи ритуали. По излегување, редиците пред сендвичарите беа речиси задолжителна глетка, а добриот сендвич беше подеднакво важен како и местото каде што се поминала вечерта.
За многумина, Аркадија не се памети само по храната. Се памети по ноќните муабети, по редиците пред зори, по мирисот на тостовите и по чувството дека таму завршувала секоја добра вечер.
Иако денес одамна не постои, Аркадија останува дел од урбаната меморија на Скопје. Не само како локал, туку како симбол на едно време, еден град и една генерација која и денес со носталгија се сеќава на местото каде што ноќта завршуваше со сендвич во рака.