Архитектонски ремек дела: Градски Ѕид

Популарно наречен Градски Ѕид, комплекс од блокови и кули кои опишуваат полукруг околу самиот центар на градот. Лоцирани на десниот брег на реката Вардар, буквално како ѕид започнуваат од самиот брег, кај објектот на Владат на РМ, а завршуваат повторно во близина на реката спроти хотелот „Холидеј Ин“. 

Проектирани како стамбени објекти, со високо приземје наменето за деловни простории, денес во Скопје вдомуваат близу 8 000 луѓе во своите 1 814 станови. Овој комплекс и буквално претставува бедем на најтесниот центар и јадрото на градот. Составен од два типа на згради: блокови, згради со неколку влезови некои од нив долги и повеќе од 100 метри; високо приземје наменето за деловни простории и 6 ката од кои последните два на поголема плоштина од останатите, со станови од преку 100 метри квадратни, наменети за високата класа. Вкупнта висина на блоковите е 24 метри. Кули, на 12 ката сместени исто така врз високо приземје, односно 45 метри вкупна висина. Планот според кој се распоредени, речиси секаде зградите ги поставува наизглед симетрично. Па така, блоковите се секогаш еден спроти друг, а кулите се 2 или 3 свртени на иста страна. Исклучок е само кулата која се наоѓа позади познатиот скопски хотел „Бристол“. Урбанистичкиот план според кој се распоредени е дело на Кензо Танге, врз чие идејно решение е заснован целиот генерален модерен урбанистички план. Градски Ѕид е единстевниот проект од неговито голем план за обнова на Скопје, кој е во целост изведен. Сепак, дел кој не е спроведен е шеталиштето кое требало да се протега од почетокот до крајот на „Ѕидот“. Паркирањето е решено во најголем дел преку подземни паркинзи кои се наоѓаат помеѓу зградите. На одделни места постојат „пасажи“ и тунели низ кои се обезбедува непречена циркулација на луѓе. 

Денес Градскиот Ѕид е тоа што и во проектот се стремел да биде. Тој е симбол на градот и негов незаменлив елемент. Изведен е како што е предвиден во последната негова фаза, односно според деветата варијанта на планот на Кензо Танге. Почнат е да се гради непосредно по усвојувањето на финалниот план за центарот на Скопје. Тој денес е лесно воочлив во планот на градот Скопје и е структура која интегрира голем број на луѓе во една целина. Тој се движи по малиот ринг на Скопје и го оформува централното градско јадро.