Арачиновец нелегално поседувал автоматска пушка

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи според член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од МВР.

– Согласно Наредбата за спроведување истражна постапка, осомничениот 26-годишен жител на Арачиново, на 9 септември, во својот дом држел автоматско оружје – пушка МР 40 со калибар 9мм Para, како и 16 куршуми од тој калибар. Станува збор за оружје и муниција кои на граѓаните им се забранети, а биле пронајдени при претрес во домот на осомничениот, соопштија од скопското обвинителство.

До судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, за кое постои опасност да се даде во бегство, да се обиде да ги сокрие трагите на кривичното дело или да влијае на сведоците, како и можност да го повтори делото.​​