Апсени мортус пијани возачи во три градови во Македонија, најпијаниот „дувнал“ 2.90 промили

Лишени од слобода возачи од Куманово, Кичево и Штип затоа што управувале возила под дејство на алкохол.

Како што информираат од МВР, синоќа (19.09.2025) во 23:14 часот на магистралниот пат Куманово- Крива Паланка, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Куманово го лишија од слобода М.Т.(43) од Куманово. При контрола на патниот сообраќај во Куманово, полициските службеници сопреле патничко моторно возило „форд", кое го управувал М.Т. и по преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 2,70 промили алкохол во крвта.

Ноќеска (20.09.2025) во 03:10 часот на ул. „Пиринска“ во Штип од страна на полициски службеници од СВР Штип е лишен од слобода Н.А. (41) од Штип. При контрола на патниот сообраќај во Штип, полициските службеници сопреле патничко моторно возило „ауди" со штипски регистарски ознаки, кое го управувал Н.А. и по преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,51 промили алкохол во крвта.

Исто така, вчера (19.09.2025) во 21:30 часот, на магистрален пат во близина на кичевската населба „Горица“, лишен од слобода е П.Д.(57) од Кичево. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници од ОВР Кичево сопреле патничко моторно возило „опел“ со кичевски регистарски ознаки, кое тој го управувал и при извршено алкотестирање, кај него констатирале 2,90 промили алкохол во крвта.

По целосно документирање на настаните, ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик - „безобѕирно управување со моторно возило“, информираат од МВР.