Апелациониот суд му ја зголеми затворската казна на гинекологот кој лажеше пациентка дека е бремена

Наместо една и пол година затвор, гинекологот Николче Дамчевски мора да одлежи две години затвор. Вака одлучи Апелациониот суд во Скопје и ја потврди и забраната за вршење дејност во траење од 8 години, што му беше изречена на докторот заедно со затворската казна.

Пресудата е извршна, што значи дека Дамчевски во секој момент може да замине на издржување на казната затвор. Тој може да побара само одлагање на рокот за одење во затвор, но и да поднесе барање до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудата и барање на заштита на законитоста.

Дамчевски на судењето во Основниот суд ја призна вината за двете дела: Несовесно лекување и Фалсификување на медицински документи. Тогаш се правдаше дека тоа го сторил тоа за да ги стимулира нејзините органи, но пациентката беше решена случајот да има правна разрешница.

Николче Дамчевски е гинекологот кој девет месеци лажеше пациентка дека е бремена. Тој на пациентката која долго време се обидувала да остане бремена и презентирал состојба на лажна бременост и и покажувал слики од ЕХО од друго бебе. За да биде поубедлив во тврдењата тој на пациентката и пуштал да го слуша отчукувањето на срцето на бебето, а всушност и пуштал да го слуша нејзиното срце.

Иако знаел дека не е бремена, вршел редовни контролни гинеколошки прегледи со ехо апарат, ја мерел должина и тежина на плодот, го утврдил полот на бебето, на секој преглед детално ја објаснувал секоја снимка и правел скрининзи со писмени извештаи во кои е наведено дека на ехото се гледа плод во различна гестациска недела, а потоа договорил и термин за породување.

Непосредно пред денот за кога било договорено наводното породување на пациентката, кога таа во болницата се појавила со торба полна со бебешки работи, прво на сопругот, а потоа и нејзе и ја открил вистината за лажната бременост, по што случајот бил пријавен во полиција и Дамчевски бил приведен.