Апел за помош: Студент по медицина останал сам со болната мајка, семејството живее во тешки услови

 

Проект „Среќа“ упати апел до граѓаните, компаниите и институциите да му помогнат на млад студент по медицина кој се соочува со исклучително тешка животна и материјална состојба.

Photo by Lina Trochez on Unsplash

Според објавата на организацијата на социјалните мрежи, по загубата на братот и таткото, студентот останал сам со својата мајка, која е болна и за која се грижи. И покрај тешките околности, тој се обидува да го продолжи медицинското образование, редовно да посетува предавања и да обезбеди грижа за мајка си.

Од „Проект Среќа“ информираат дека семејството живее во многу лоши услови и дека во моментов нема доволно храна ниту финансиски средства за задоволување на основните потреби. Посочуваат дека на младиот човек и неговата мајка им е потребна итна поддршка.

Организацијата повикува на донации во рамките на можностите на граѓаните, компаниите и институциите. Помошта може да биде финансиска, материјална или од друг вид.

Информациите за студентот, трансакциската сметка и условите во кои живее семејството, заинтересираните донатори можат да ги добијат преку директна порака до „Проект Среќа“.

„Никогаш не сме оставиле никого сам, па нема ни овој пат! Ајде да му помогнеме на студентот по медицина. Не е сам!“, порачуваат од организацијата.