Апел на ЈП „Паркинзи“ за вдомување бездомни кучиња пред Суперкупот

ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ упати апел до граѓаните во пресрет на Суперкупот да згрижат бездомни кучиња поради најавите дека во чистењето на градот поради оваа спортска манифестација ќе настрадаат животните.

„Неколку здруженија за заштита на животните и нивните активисти објавија дека се очекува да има заловување на бездомните кучиња во Скопје со цел да се исчисти градот од бездомни
животни до Суперкупот, кој треба да биде на 8 август. Тие ја искажаа својата загриженост за иднината на заловените кучиња, со оглед на тоа дека ги има многу, а капацитетот за нивно згрижување е мал.

Затоа, апелираме до сите жители да ја поддржат иницијативата со тоа што ќе згрижат барем по едно бездомно куче до 8 август, односно до Суперкупот. Сите заедно и со малку напор можеме да направиме многу за четиринoжните пријатели и да помогнеме да ни биде чист градот за гостите што ќе не’ посетат.

Сите што ќе се вклучат во оваа акција треба да направат фотографија со кутрето и да ја постираат на сопствениот фејсбук-профил со паролата #ЗаедноДоСуперКуп“, стои во соопштението од ова јавно претпријатије.