Апел до граѓаните: Не се собирајте дома за семејните слави!

Зоран Заев, претседателот на Владата еден ден пред Митровден, на својот профил на Фејсбук испрати апел до граѓаните да се не собираат дома за семејните слави, со цел да го зачуваат своето и здравјето на другите.

Пред нас се зимските празници, традиционално придружени со семејни собири. Но, за жал, ние сме во најинтензивниот бран на ширење на коронавирусот. Од тие причини беа донесени и последните мерки и препораки за граѓаните да ги носат маските на отворено за лична и за заштита на другите и да не се групираат

Со приближувањето на зимските празници, апелирам да нема собирања по домовите. Да останеме скромни, воздржани и одговорни за време на славите и имендените оваа година. Тие ќе бидат тука и идната година, и тогаш, здрави и живи, ќе си честитаме и ќе прославиме согласно традицијата, напиша премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил.

„Оваа година да си посакаме здравје и живот, и „за многу години славата и вечно име“ преку телефон, со порака, со видео повик. Ништо нема да ја намали искрената желба што на тој начин ќе им ја упатиме на славениците и на домаќините за нивните домашни слави.

Сите мора да прифатиме дека оваа ситуација ќе потрае, но со дисциплина околу мерките за заштита можеме значително да го успориме ширењето на вирусот и да се заштитиме.

Нема импровизации со заканите од ширењето на КОВИД-19. Тој што не ги почитува мерките за заштита го загрозува своето здравје и здравјето на своите блиски. Тој што ќе отстапи од нив и се однесува несериозно – загрозува живот. Да не си играме со здравјето и животот

Немаме друг избор освен секој од нас да биде одговорен и да го даде својот личен придонес да ја запреме оваа пандемија, за да дојдат моментите на стабилизирање и намалување на рестрикциите, додека не биде достапна вакцината.

Во деновите на семејните празници да останеме дома, да не се групираме. Сите заедно да помогнеме и на себе и на нашите семејства. Да им помогнеме на лекарите, на медицинските сестри и на другиот медицински персонал, да ѝ помогнеме и на државата.

Чувајте се, придржувајте се до мерките, останете дома и во добро здравје, напиша Заев.