Програмата е затворена, сцените се подготвени, годинешното 63 „Охридско лето“ може да почне...И годинава како и изминатите фестивалски изданија, публиката очекува 40 дена врвна програма со светски познати имиња од класичната музика и театарската уметност. Директорката на фестивалот Наташа Поповиќ категорична - „така и ќе биде“...
Фестивалот „Охридско лето“ секоја година од 12 јули до 20 август ја носи светската уметничка елита во Охрид.
-Охридско лето - кодот на културата на Балканот, најголемата музичко сценска манифестација во земјата и многу пошироко. Дваесет и седум години членка на најголемата фестивалска асоцијација, од 140 фестивали на таа асоцијација – „Охридско лето“ рангирано меѓу најдобрите пет. Радува фактот што изминатите 62 години придонеле „Охридско Лето“ толку високо да котира. Во пресрет на фестивалот, ветувам и знам дека ќе оваа година „Охридско лето“ ќе понуди најдобра програма, таква е впрочем и мојата идеја и заложба, секоја наредна година фестивалската програма да биде подобра од претходната, изјави Поповиќ за МИА.
Како на музичар, за неа е најтешко да издвои што е она најдоброто што ќе биде на понуда на фестивалската програма.
-Не само сега како директор на оваа институција, туку и претходно кога сум била присутна сите овие изминати години од мојата петта година во публика и со два настапи на Фестивалот и секогаш како настан го издвојувам отворањето. Можеби ќе биде неблагодарно до останатите уметници кои оваа година ќе бидат повеќе од 1100, но ете ќе го издвојам отворањето на фестивалот. Со голема чест, задоволство ја најавувавм светски познатата и по мене, најдобрата сопранка, Ангела Георгиу, уметницата која ги полни најголемите сали, познатите Карнеги Хол, Метрополитен, Лондон, Дубаи...Сега доаѓа во Охрид каде ќе настапи со оркестарот на Националната опера и балет под диригентска управа на Ципријан Теодираску, со кого најчесто настапува. Нејзичниот ангелски глас ќе не одведе во светот на класичната музика, преку ариите од најпознатите опери. Ако тоа е мојот фаворит, има уште многу други, рече таа.
Директорката на „Охридско лето“ најавува спектакуларно доживување, вонвременско патување низ уметноста, низ многу земји, со презентација на нивни уметници.
-Уште пред четири години моја интенција беше амбасадите да ги поддржуваат своите уметници. На српската вечер на „Охридско лето“, ете од нашите најблиски соседи и пријатели, оваа година боите на својата земја ќе ги брани Немања Радуловиќ. Потоа ќе има грчка, полска, италијанска вечер и многу други...За шпанската вечер што годинава е и вечер на ЕУ, доаѓа најдобриот кларинетист на Пиринеите, маестро Пабло Бараган, во пијано придружба на Јаник Рафалиманана, вели таа.
Сепак, за годинава Американската вечер ќе понуди нешто што не било на фестивалот „Охридско лето“.
-Од најпрестижната светска сцена што се вика Холивуд, во Охрид доаѓа човекот кој снимил безброј филмови, човекот што е меѓу најдобрите десет актери – Џон Малкович. Мислам дека таков спектакл немало на овие простори. Малкович подготвува изненадување за публиката, така што овојпат не би зборувала за тој дел од настанот – сите што ќе дојдат ќе видат за што станува збор. Голем настан, голема придобивка за „Охридско лето“, потврда на високото реноме што го ужива фестивалот и поради што и впрочем Малкович и се догласи да дојде, изјави Поповиќ.
„Охридско лето“ како и секоја година за уметниците ги има резервирано најатрактивните сцени, магичната сцена на Античкиот театар, Долни Сарај, „Света Софија“ заедно со предворјето.
-Тоа се најубавите места во градот, неговото културно наследство. Секако придонесуваат за туристичката промоција на градот, а во комбинација со музичките и сценските содржини, нудат невидено уметничко доживување. Магичната сцена на Античкиот театар кој независно што е сцена на отворено нуди акустика, што го велат и самите уметници кои таму настапуваат. Тука е и безвременската акустика на „Света Софија“, со предворјето – волшебна сцена сама по себе, посочува Поповиќ.
Оваа година музичката програма носи околу 70 проценти од фестивалските збиднувања, преостанатото е во делот на сценската уметност – драмската програма со татарските престави.
-Годинава ја имаме претставата „Лагата“ од Флоијан Залер, во режија на Никола Вујица со Драмскиот театар од Белград. Врвна претстава изиграна на многу светски сцени, достојна за големата сцена на Античкиот театар, вели Поповиќ.
За роденденот на „Охридско лето“ секогаш се избирале посебно атрактивни уметнички содржини. Оваа година на 4 август првпат на фестивалот фадо музика.
-Роденденска вечер на Долни Сарај со врвна фадо музика. Од Порто ни доаѓа Јоана Амендоира изведувачка која има снимено најмногу албуми со фадо музика од сите останати уметници од тој жанр, информира директорката на Охридско лето.
И на ова фестивалско издание ќе биде издвоен простор за домашните уметници. Тука е музичко-сценскиот проект на МОБ со „Госпоѓиците од Авињон“, комбинирана балетска престава на музика напишана од Калопи. Тука е и вечерта разервирана за концертот што секоја година го организира Музичката младина на Македонија како веќе етаблирана фестивалска содржина. Тука се и пијано-рециталот на Кека Мимоза, Дино Имери, концертот на дуо-пијано Гелебешеви, настапот на трио „Аура“, празничен концерт со духовна музика на хорот „Про-Арс“...Една од музичките вечери ќе биде посветена на охридскиот флаутист кој прерано замина од овој свет – Илија Зимбо.
Секако простор е издвоен и за домашните театарски куќи, така што овојпат меѓу другото и две премиерни изведби на театрите од Прилеп и Велес.
Фестивалот „Охридско лето“ оваа година ќе добие свој „шоурум“, за подобра маркетиншка промоција пред туристите. За таа намена им е отстапен објектот на сувенирницата на плоштадот „Крушевска Република“, каде туристите ќе можат да добијат информации за збиднувањата на фестивалот. Во тој фестивалски изложбен салон, предвидено е уметниците да можат да дадат и некоја изјава после нивниот настап на фестивалот, што ќе биде интересна можност за туристите да сретнат некои од уметниците.