Анкетна комисија за сите несреќи во Македонија - Иницијатива на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ

Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ денеска поднесоа Иницијатива за формирање Анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во Република Македонија.

„Анкетната комисија ќе има за цел утврдување на одговорност на функционери, носители на јавни функции и други поврзани лица, како и  да ги утврди околностите за постапувањето на институциите за следните трагедии/несреќи: – пожарот во објект – ноќен клуб/кабаре во Кочани; пожарот во модуларната болница во Тетово; сообраќајната несреќа на „Дурмо турс“ во Ласкарци и сообраќајната несреќа на „Беса транс“ во Бугарија. 77-те потписи се доказ дека ние не сакаме да ги политизираме овие трагични настани, туку сакаме да помогнеме засегнатите да добијат правда. Сите прашања мораат да бидат одговорени, а сите случаи треба да го добијат неопходниот епилог“, изјави денеска Бојан Стојановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Според предлогот, анкетната комисија ќе се формира врз основа на член 124, став 5 од Деловникот на Собранието и да ја сочинуваат 15 членови и нивни заменици, од кои седум членови ќе бидат предложени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, два од  пратеничката група СДСМ, два члена од пратеничката група Европски фронт, два члена од пратеничката група на Вреди, еден член од пратеничката група на ЗНАМ и еден член од пратеничката група на Левица.

Предложено е со комисијата да претседава пратеник од редовите на опозициските партии.

Стојановски јавно ги повика пратениците и од другите политички партии да се приклучат кон оваа иницијатива и активно да придонесат во нејзината работа, се со цел да направиме вистински чекор напред кон поправедна држава.