Анкета: Над 60 отсто од младите сакаат засекогаш да се отселат надвор од Македонија

Над 60 отсто од младите сакаат засекогаш да се отселат надвор од Македонија, а една третина од нив активно работат на изнаоѓање начини за исполнување на оваа желба, покажа едно од петте истражувања кои ги работеа млади истражувачи, менторирани од искусни колеги, а со поддршка од Младински образовен форум (МОФ) и Фондации Отворено општество.

Во анкетата со 905 испитаници, на возраст од 156-30 години, кои живеат во и надвор од Македонија, е утврдено дека на нивната желба за трајно отселување од државата не влијаат демографските и социоекономските разлики.

Покрај проблемот со иселувањето, младите истражувачи работеа уште на четири клучни проблеми – невработеноста, дискриминацијата, пристапот до образование и сексуалното вознемирување.

Истражувањето за невработеноста се фокусираше на Североисточниот регион, кој веќе има највисока стапка на невработеност. Како проблем кој е детектиран, укажаа истражувачите, е тоа што младите од овој регион сметаат дека главен фактор за вработување се врските и политичката определба, а најчест начин за барање работа е преку познаници и роднини, а не преку аплицирање на огласи или преку пријавување во АВРМ.

Инспирирани од кампањата #СегаКажувам и движењето #meТoo, дел од истражувачите ги анализираа  постовите на социјалните мрежи под македонскиот хаштагаг. Податоците укажуваат дека над 90% од случаите на сексуалното вознемирување потекнува од вознемирувач кој ужива позиција на моќ над жртвата. Резултатите укажуваат на ниска стапка на пријавување на вознемирувањето, особено поради фактот што жртвите не наишле на поддршка, а исто така и тие самите биле прогласени како виновни за настанот.

„Пријавувањето во полиција е многу ретко, но како алтернатива на тоа се јавува пријавување на колега, родител, педагог, психолог, пријател, новинар/ка и слично“, се вели во истражувањето.

Во оваа насока одат и резултатите од истражувањето за дискриминацијата во високото образование, каде беше посочено дека професорите и асистентите се тие што ги дискриминираат студентите поставувајќи различни аршини за оценувањето, поинаков однос со различните студенти, но и неправедни критериуми при вработувањето или ангажирањето студенти во наставниот процес. Преку истражувањето беше заклучено дека дискриминацијата е резултат на постоечките стереотипи и предрасуди, а не на личното искуство, а најприсутна овде е дискриминацијата врз основа на политичка определба.

Младите ги истражуваа и условите за лицата со посебни потреби во средното и високото образование, а наодите покажуваат дека нашата држава во моментов сè уште не е подготвена за целосна образовна деинституционализација.