„Анима Мунди“ со законски измени за законот за заштита на животните

Организацијата за заштоита на животните „Анима Мунди“ изготви и до надлежните институции достави коментари и предлог законски измени на постоечкиот закон за заштита и благосостојба на животните, со цел суштинско и квалитативно унапредување на законот и изнаоѓање на трајно и хумано решение за проблемот со бездомните животни во Македонија.

Од „Анима Мунди“ велат дека амандманите се изработени од нивното здружение и дека се поддржани од 11 македонски здруженија за заштита на животните. Предложените законски решенија, како што додаваат, се меѓусебно поврзани, лесно применливи и прават една сеопфатна правна и апликативна целина.

Во фокусот на предложените законски измени се:
    
1. Регулирањето на одговорното сопствеништво и дефинирање на забранети постапки, затоа што неодговорното чување миленици (неконтролиран расплод/напуштање/немање никаква евиденција) се причинител број 1 за постоење на овој проблем.

2. Јасна, децидна забрана за еутаназија како механизам за справување со бездомната популација затоа што откако знаеме се применува и не донела резултат, го продлабочила проблемот, дала можност на надлежните (општините) наместо трајно решавање, само да симулираат привидно намалување фокусирајќи се на краткорочни ефекти (пр. само за време на траење на сопсвениот мандат), а потоа драстично продлабочување на проблемот.
Рутинското убивање не само што не го решило проблемот, туку  ги изложил/ги изложува граѓаните на опасност. Во овој контекст не само земји како Романија, Бугарија, Унгарија, туку и Македонија е пластичен пример и показател за неуспех кој се должи на континуирана примена на погрешни мерки и стратегии.

3. Воведување нови законски одредби кои би овозможиле примената на законот да биде пофлексибилен, општините во недостиг на финансиски средства или инфраструктура, или по проценка на ефект да можат да спроведуваат програма за намалување на бројката бездомни животни во соработка со здруженија, ветеринарни станици, граѓаните (пример ваучер систем или мобилни клиники кои би опслужувале повеќе општини и сл) . Ова го сметаме за исклучително важно, бидејќи до сега Законот  оневозможува се друго освен дејствување во рамки на стационари што е скапо, непотребно, неодржливо. 

Со законот да се дозволи здруженијата за заштита на животните да стерилизираат бездомни животни. Од здружението потенцираат дека ова до сега не им било дозволиво со закон, иако сакале само да помогнат, инспекциски служби вршеле проверка дали стерилизираат противправно бездомни животни, бидејќи, како што велат, тие не биле надлежни.

Бараат со законот да се дозволи соработка со меѓународни организации и нивно ангажирање во земјата со цел намалување на бројката бездомни животни. Според здружнието, ова е неопходно со цел во иднина повторно да не се пропуштаат прилики како понудите за помош од најсилни меѓународни организации, Ворлд Вет и ЕНПА.

4. Законско овластување на здруженијата за заштита на животни за спроведување одредени одредби на законот, вршење надзор, проверка на одговорното сопствеништво,т.е. измени од кои би произлегла  можноста за наменски овластена служба за заштита на животните формирана од претставници на здруженијата за заштита на животни. Во моментов единствено надлежна за да постапува во случаи на мачење, злоупотреба, занемарување, неодговорно сопствеништво и напуштање на животните во  Република Македонија е  ветеринарна инспекција при Агенција за храна и ветеринарство. Меѓутоа ветеринарна инспекција има десетици други надлежности, а и не е специјализирана за заштита на животни. Како последица на тоа, сведоци сме на неодговорно сопствеништво кое е основен причинител за постоење на бездомни животни на улиците; нелегална купопродажба на животните, борби со кучиња, пред сè во руралните средини при што повеќе „неупотребливите“ единки најчесто завршуваат на улица, како и исклучително бројни и екстремни случаи на насилство врз животните во Р. Македонија, кои без двоумење укажуваат на агресија и насилство во македонското општество – девијантни појави кои е неопходно да се превенираат, или кои доколку се случат е неопходно да бидат строго санкционирани. Таквите случаи се најчесто истражувани, откривани и пријавувани од здруженијата за заштита на животни. За жал фактичката состојба укажува дека по истите не се постапува соодветно, т.е. дека иако здруженијата ги евидентираат и пријавуваат, случаите не добиваат адекватна правна завршница.

Почитувани, имајќи ги во предвид досегашните трагични и негативни случувања, како и заклучокот на Владата од 6 ноември, МЗШВ , АХВ и ЗЕЛС во соработка со здруженијата за заштита на животни да изнајдат законско решение за трајно решавање на проблемот со кучињата скитници, од „Анима Мунди“ се надеваат дека конечно и сериозно ќе се земат во предвид нивните предлози, кои, како што велат, се исклучиво во интерес на граѓаните и хуманиот третман на животните во Република Македонија.