
Вчерашниот ден беше најтежок од почетокот на новата сезона на пожари, со регистрирани најмалку 52 пожари на отворен простор, од кои 46 се изгаснати, додека шест сѐ уште се активни, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов.
Покрај активните пожари, тој посочи дека се појавиле и нови жаришта ширум државата, а најголем предизвик, вели, се пожарите во општините Студеничани и Македонски Брод, додека прилепскиот пожар е ставен делумно под контрола.
–Вчерашниот ден беше најтежок од почетокот на новата сезона на пожари. Имавме најмалку 52 пожари на отворен простор. Благодарение на целодневната борба на локалните пожарникари, 46 од нив си изгаснати, шест останаа активни во текот на денешниот ден. Покрај овие шест пожари кои што горат од вчера, во текот на денешниот ден се појавија повеќе нови пожари. Еден од најтешките е пожарот кој што изби во непосредна близина на Прилеп, покри магистралниот пат кон Битола – истакна Ангелов.
За пожарот во Прилепско, кој зафатил поголема површина поради силниот ветер и покрај рамничарскиот терен, тој нагласи дека се очекува наскоро да биде целосно локализиран, но посочи дека огнот предизвикал материјална штета.
–Во овој момент, овој пожар е поставен под делумна контрола, очекувам набругу да биде ставен под целосна контрола. За жал, во пожарот настрада штала во која што била складирана одредена количина на тутун. Покрај овој пожар, најголем предизвик за нас е пожарот на територијата на Општина Студеничани – посочи директорот на ДЗС.
Според него, најголем предизвик во моментов е пожарот во атарот на селото Рамни Габер во Општина Студеничани, кој се одвива на екстремно непристапен и стрмен терен. Во гасењето се вклучени ер трактори, специјални тимови на Дирекцијата за заштита и спасување и скопската Противпожарна бригада, кои во текот на ноќта дежурале за да не дозволат огнот да се приближи до населените места.